
Седлоски: Нема да ја потцениме Ла Фиорита – ова е само прво полувреме!
Натпреварот ќе се одигра арената „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20.30 часот. Тимскиот коефициент е на страната на гостите, но црвено-црните, сепак, се апсолутен фаворит во овој дуел. Тренерот Гоце Седлоски изрази увереност во своите избраници и потенцираше дека тимот сериозно се подготвувал за настапот.
„Одработивме добри подготовки изминативе месец дена. Иако ни недостасуваа некои од странците, сите сме максимално спремни. Вардар нема играно во Европа подолго време. Знаеме каков ривал нѐ очекува, но ние се гледаме самите себе, респект за ривалот, но јас сум фокусиран само на моите играчи. Се надевам дека ќе одиграме квалитетен натпревар и дека ќе забележиме победа. Во денешниот фудбал нема фаворити, затоа ќе бидеме внимателни. Ланската година Ла Фиорита исфрли ривал од Белорусија. Најважно е момците да влезат како што јас барам од нив. Ова е само прво полувреме, мора да бидеме концентрирани, максимално професионално, најважно ми е ние како ќе одиграме. За седум дена имаме и реванш“, изјави Седлоски.
Ла Фиорита, иако доаѓа од Сан Марино, лани успеа да елиминира белоруски тим, што делува како опомена за сите во таборот на Вардар. Натпреварот ќе го води судиска екипа од Андора. Главен арбитар е Антоан Кјарамонти, а асистенти ќе му бидат Хуан Гују Сера и Карлос Гончалвес. Четврти судија е Андреу Симаро.