Роналдо: Да можев цела кариера ќе играв само за Португалија и за ниту еден друг клуб!

Кристијано Роналдо беше главна ѕвезда на свеченоста за прогласување на најдобрите во Португалија, каде што доби специјално признание „Престиж“ за својата долга и блескава кариера во дресот на португалската репрезентација — со која ги освои Европското првенство и Лигата на нациите.

По доделувањето на наградата, капитенот на португалската селекција одржа емотивен говор во кој уште еднаш ја изрази својата безрезервна љубов кон националниот тим.

„Во репрезентацијата сум веќе 22 години и мислам дека тоа само по себе говори за мојата страст — да го носам овој дрес, да освојувам трофеи и да играм за мојата земја. Често сум рекол: ако можев, би играл фудбал само за репрезентацијата, без да настапувам за ниту еден клуб. Тоа е врвот на кариерата на секој фудбалер“, изјави Роналдо.

И покрај 39-те години, напаѓачот на Ал Наср не планира да застане. Тој истакна дека и понатаму ја чувствува истата страст кон фудбалот, како на почетокот од кариерата.

„Семејството ми вели дека е време да престанам и ме прашува зошто сакам да постигнам 1.000 голови кога веќе имам над 900. Но јас не размислувам така. Сè уште можам да придонесувам — и за клубот, и за репрезентацијата. Знам дека нема да играм уште многу години, но сакам секоја од нив да ја уживам целосно“, рече португалската легенда.

Говорејќи за иднината, Роналдо нагласи дека повеќе не гледа на рекордите како на опсесија, туку на предизвик што се живее ден по ден.

„Порано сонував да го освојам светот, сега сакам само да уживам во фудбалот. Животот се менува за миг — затоа живеам во сегашноста“, додаде тој.

На крајот, Роналдо се осврна и на следниот голем предизвик — Светското првенство.

„Нашата цел е да ги добиеме следните два натпревари и да се пласираме. Тоа би бил сон. Но ќе одиме чекор по чекор“, порача капитенот.

Опкружен со своите поранешни соиграчи — Руи, , Пепе, Андраде, Бето, Кварезма и други — Роналдо останува симбол на истрајноста и пример за генерациите што доаѓаат.

„Ги гледам сите нив и си велам: јас сè уште сум тука. И верувам дека уште можам многу да дадам за Португалија и за фудбалот“, заврши Роналдо.