ПСЖ без најдобрите ќе го нападне осакатениот Реал (М), Атлетико бара „освета“ против Јуве

Вчера стартуваше новата сезона во Лигата на шампиони, а денеска на програмата не очекуваат неколку интересни дуели. Факт е дека сите очи вечерва ќе бидат насочени кон Париз, каде ќе се одигра мега - пресметката меѓу ПСЖ и Реал Мадрид, но ништо помалку интересен нема да биде дуелот меѓу Атлетико Мадрид и Јувентус, како и оние на балканските екипи (Црвена звезда и Динамо Загреб) кои пред себе ќе имаат сериозен испит.

ПСЖ во моментов се соочува со многу проблеми, па поради повреди тренерот Томас Тухел нема да може да смета на најдобрите. Имено, на дуелот против „Кралскиот“ тим ќе отсуствуваат двајцата најскапи и најдобри играчи, бидејќи Килијан Мбапе е повреден, а Нејмар суспендиран. Поради ова тимот ќе претрпи неколку кадровски промени, а најавено е во стартниот состав да се појави новото засилување од редовите на Интер, Мауро Икарди, кој е на едногодишна позајмица во тимот од Париз. Што се однесува до Реал, ништо подобра не е ситуацијата и кај Зинедин Зидан. Последен на низата повредени фудбалери се приклучи Марсело, а суспендирани се Рамос и Начо. Сепак, во стартната постава се очекува да се најде големото засилување Еден Азар.

Ќе видите како ќе играме, но Азар е подготвен да биде стартер. Имаше добри тренинзи изминатиот период и тој е подготвен, изјави Зидан пред мечот со ПСЖ. 

Од останатите напаѓачот на „белиот балет“, Карим Бензема, нема убави сеќавања од меѓусебните дуели против ПСЖ. Искусниот француски голгетер, во кариерата одиграл десет меча против париските „светци“, и има постигнато само еден гол, и тоа на првиот дуел, во јули 2006 година, кога го носеше дресот на Лион. Како член на Реал, Бензема двапати се соочи со ПСЖ и не успеа да се запише во листата на стрелци. Но, мрежата на ПСЖ не е единствениот проблем за Бензема. На голот на францускиот првак ќе биде Кејлор Навас, голман на кој Бензема му нема дадено гол на двата официјални натпревари на кои се соочиле. Навас и Бензема шест сезони беа соиграчи во Реал.

Од останатите дуели за вечерва Атлетико на „Ванда Метрололитано“ ќе го пречека италијанскиот шампион Јувентус. Минатата сезона овие екипи играа во осминафиналето, Атлетико победи во Мадрид 2-0, а во реваншот три гола постигна Роналдо и ги однесе Јувентус во наредната фаза. Поради тоа, „јорганџиите“ ќе бараат освета за минатата сезона. Далгас Коста нема да биде дел од тимот на „Старата дама“ за овој дуел, кој е на списокот на повредени фудбалери, а исто така неизвесен е и настапот на Миралем Пјаниќ, кој во саботата против Фиорентина беше заменет во 44 минута.

Вечерва во Лигата на шампионите ќе настапат и две екипи од поранешна Југославија - Динамо Загреб, тим во кој настапува македонскиот репрезентативец Адеми, како и српскиот шампион - Црвена звезда. Хрватскиот шампион на „Максимир“ ќе го пречека супермотивираниот тим од Бергамо - Аталанта, за кој ова е дебитантско учество во најквалитетното клупско натпреварување во Европа.

Далеку потешка или речиси неверојатна шанса за триумф ќе има тимот на Црвена звезда, која за прв пат по 1991 година и полу-финалето во тогашниот Куп на европските шампиони, ќе гостува во Минхен, пртоив тимот на Баерн. „Баварците“ се апсолутни фаворити на овој дуел.

ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА

ГРУПА А: Бриж – Галатасарај (18.55), ПСЖ – Реал Мадрид (21)

ГРУПА Б: Олимпијакос – Тотнем (18.55), Баерн Минхен – Црвена звезда (21)

ГРУПА Ц: Шахтер – Манчестер сити, Динамо Загреб – Аталанта (двете од 21 часот)

ГРУПА Д: Атлетико Мадрид – Јувентус, Баер Леверкузен – Локомотив Москва (21 часот)