Пред мечот во Рига: Во Шкендија прво сакаат да скокнат, па да кажат – оп!

Фудбалерите на Шкендија утре ќе го одиграат првиот натпревар од Конференциската лига на гости кај Рига, откако двете екипи испаднаа уште на стартот од квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ).

Тетовци беа елиминирани од словенечка Мура, додека летонскиот шампион од Малме и тоа во речиси изедначен двомеч. Тренерот на македонскиот првак, Ернест Ѓока, е свесен дека за противник има силен тим и дека неговите избраници мора да бидат претпазливи цело време. Тие не сакаат однапред да говорат за вториот меч, туку сакаат прво да си ја завршат работата во Рига.

„Рига е шампион на Летонија и е силен и компактен тим, кој сака да игра офанзивно и има амбиции исто како и нас во ова натпреварување. Ги познаваме до детал и ако одигра,е како што знаеме, може да ги исполниме очекувањата. Има два натпревари и мора да бидеме солидни на овој дуел. Прво да скокнеме, односно да си ја завршиме задачата во Рига, а потоа ќе кажеме оп, односно ќе говориме за реваншот“, изјави Ѓока.

Речиси идентични размислувања како тренерот има и капитенот, Арменд Алими.

„Сигурно е дека чека неизвесен дуел со Рига. Знаеме дека се шампиони и дека имаат квалитетен тим, мора да сме свесни дека ништо нема да се одлучи на овој прв натпревар. Реваншот во Скопје е многу важен, но прво тука мора да ја завршиме работата. Мора да бидеме паметни и да знаеме што сакаме од почетокот“, изјави Алими.

Натпреварот меѓу Рига и Шкендија се игра в четврток со почеток од 19 часот, а македонскиот европретставник нема да може да смета на Бруно Дита, Јан Кривак и Леард Садриу.