Почнува летната авантура во Лига Европа: Македонските екипи да не го повторат ланскиот ужас!

Една година после ужасното фудбалско лето на македонските екипи во Лига Европа, откако сите испаднаа во воведната рунда, нашите три европретставници Академија Пандев, Македонија ЃП и Шкупи денеска тргнуваат во нов поход за да ја одбранат честа на македонскиот фудбал и да се потрудат да не дозволат реприза на ланската очајна авантура.

Македонија повеќе од деценија имаше барем еден клб кој успеваше да мине една рунда во најмасовното европско натпреварување, сѐ до лани, кога трите европретставници експресно испаднаа за седум дена со скор од едвај една победа, едно реми и четири порази. Ужасното лето дојде само една година по историскиот настап на Вардар во групите во Лига Европа, па благиот напредок на ранг-листата на УЕФА беше тотално сопрен. Сега, македонскиот фудбал е на крстопат, зашто нови ужаси ќе значи паѓање надолу на листата, зашто рејтинг-поените од минатите години ќе се бришат, а се подобри од ланските едвај 1.000 на четирите екипи и тоа најмногу благодарение на тетовска Шкендија која стигна до плејофот во Лига Европа (преку квалификациите за ЛШ).

Чаирски Шкупи денеска прв ќе излезе на мегдан и тоа од 15.30 часот по македонско време на гостувањето во Ерменија, против добро познатиот Пјуник, кој лани го елиминираше Вардар. Час и половина подоцна, Македонија ЃП ја има својата пресметка во Ерменија, против тамошниот куп-освојувач Алашкерт. И за двата скопски клубови, ерменските предизвици се незгодни и тешки, а самиот факт дека првакот Арарат завчера успеа да го победи шведски АИК Стокхолм е доволен показател и опомена, дека нашите екипи немаат лесна задача и дека ќе мора да одиграат на највисоко можно ниво за да се изборат за добар резултат, кој ќе им ги отвори вратите во реваншот за пласман во следното коло.

Најмладиот македонски прволигаш Академија Пандев од 19 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе дебитира во европските натпреварувања, па против Зрињски ќе се обиде да ја сочува мрежата и барем минимално да победи за да си ги зголеми шансите пред реваншот во Мостар идната недела да се бори за второто коло. Пандевци своето неискуство ќе го надополнуваат со желба и борбеност, но и тие имаат исклучително незгоден ривал, зашто Зрињски во минатите три години беше првак на БиХ.

Трите македонски европретставници како аутсајдери беа на ждрепката, па ривалите се „фаворити на хартија“, барем според рејтингот, што не мора ништо да значи. Денешните дуели ќе покажат каков е домашниот квалитет на екипите, кои минатата сезона се „тепаа“ за излез во Европа и дали македонскиот фудбал со квалитетот оди забрзано надолу или сепак има потенцијал за достојна промоција на земјава и домашниот фудбал.