Почна сезоната на луди подвизи: Хрват тргна пеш од Вараждин до Берлин за да ја бодри репрезентацијата

Периодот пред големите спортски натпреварувања секогаш е исполнет со големи подвизи, па така ќе биде и сега.

Хрватскиот навивач Кристијан Детиќ тргна во животна авантура, одлучи да оди пеш од местото Црешњево покрај Вараждин, до Берлин каде ќе ја бодри хрватската репрезентација. Тргна денеска, а се очекува да стигне во германската престолнина на 15 јуни.

„Авантурата ќе трае три недели, секој ден е планирано да омине меѓу 40 и 50 километри, ќе пешачи преку ден, ќе преноќува во шатор, а по три дена планира одмор. Со оглед на тоа што ќе патува преку Словенија, Австрија и Германија, се надева на поддршка од нашите луѓе по градовите кои ќе ги поминува при својата рута“, се вели во соопштението на здружението „Ние Хрвати“.

Целта е да стигне во Берлин на 15 јуни затоа што на тој ден Хрватска се среќава со Шпанија на Олимпискиот стадион, во првото коло од групната фаза. Растојанието од Вараждин до Берлин изнесува 940 километри.