Норвежаните го пречекуваат Израел, приходот од влезниците ќе го донираат во - Газа

Репрезентацијата на Норвешка на 11 октомври во Осло ќе го пречека Израел во рамките на квалификациите за Светското првенство, а на неполни два месеца пред мечот, Фудбалската федерација донесе интересна одлука.

Целиот приход од влезниците за тој меч ќе биде дониран за помош на Газа која речиси две години е под израелска опсада.

„Ни ние, ни другите организации не можеме да останеме рамнодушни кон хуманитарната катастрофа која се случува во Газа и кон теророт на кој е изложено цивилното население таму. Финансиските средства ќе бидат донирани на хуманитарна организација која секојдневно спасува животи во Газа и дава итна помош на терен“, изјави претседателката на Фудбалскиот сојуз на Норвешка, Лисе Клавенес.

Натпреварот ќе се игра на стадионот Улевал кој има капацитет од околу 26 илјади места, но нема да биде целосно исполнет бидејќи се очекуваат и израелски навивачи околу кои ќе биде формиран полициски прстен за нивно обезбедување. Фудбалската федерација на Израел изрази негодување на одлуката на Норвежаните да донираат во Газа и го повика државниот врв на оваа скандинавска земја да ги осуди нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година. Исто така, побара приходот од влезниците да не се уплаќа на „терористички организации“.