
Пониско од ова - не може: Кошаркарите третпат во историјата треснаа на европското дно!
Пласманот на последното место во претквалификациската груп, за нас не значи само крај на надежите за пласман на СП 2027 туку и враќање на почетната точка – настап во првата фаза на патот кон Евробаскетот што ќе се одржи по дури четири години. Во ваква ситуација првпат се најдовме во веќе далечната 2005 година, тогаш не поради лоши резултати туку како казна за долгогодишната политика на фалсификување пасоши на кошаркарите од помладите категории. Тогаш беше пракса буквално секој репрезентативец во младинските селекции да биде „подмладен“ за две, па дури и три години, поради што ФИБА реши да нѐ санкционира со преселба во дивизијата Б за ЕП 2005. Македонија тогаш успешно ја мина групата со Луксембург, Грузија и Финска, по што беше убедлива во двомечот со Австрија за експресно враќање во елитата.
Второто вакво треснување на дното ни се случи повеќе од една деценија подоцна, кога во идентичен теремин како и сега во 2017 година не успеавме да ја минеме претквалификациската пречка за пласман на СП 2019. Тогаш бевме во група со Естонија и Косово и со идентичен скор како и сега (1-3) завршивме на последното место, кое нѐ прати на најниското можно ниво во европската кошарка. Ваквиот ужасен резултат пред осум години делуваше како освестување, со оглед што потоа следуваше релативно подобар период со три квалификациски учества – за ЕП 2022 и 2025, како и за СП 2023, кои, за жал, не успеавме да ги минеме.
Играта на драстично подмладената селекција на синоќешната средба со Унгарците делува ветувачки, особено ако се знае дека во тимот од разни причини немаше играчи кои сигурно би биле во стартната петорка како Ненад Димитријевиќ,Андреј Јакимовски, Андреј Маслинко. Оваа тројка, заедно со ветераните Војдан Стојановски Бојан Крстевски и Стојан Ѓуроски кои се уште официјално не се збогувале со националниот тим, би требало да биде основата за тоа што носи иднината, односно за почеток на нова ера во македонската кошарка, која на крајот би завршила со учество на голем настан - каде што не сме биле уште од 2015 година и Евробаскетот во Загреб.
И.К.