Навивачите на Баерн го „окупираа“ Белград: Обезбедувањето силно, засега без инциденти (ФОТО)

Поголема група навивачи на Баерн Минхен од утринските часови буквално го освоија градското подражје на Белград, каде што се стационираа во неколку кафулиња и со многу литри пиво се „загреваат“ за вечерашното гостување на нивните миленици против Црвена звезда во меч од Лигата на шампионите.

Германците немаат пријатни спомени од настапите на „Маракана“ (сега стадион „Рајко Митиќ“), а уште ги боли елиминацијата во полуфиналниот двомеч во 1991 година, кога во последните секунди си постигнаа автогол за 2-2 и за пласман на белграѓани во големото финале. Затоа, навивачите на Баерн се бесмилосни во прогнозите, очекувајќи дека нивните фудбалери ќе ги наплатат старите долгови. Обезбедувањето околу нив е силно, па засега не се забележани инциденти со припадници на „Делии“.

„Ма, каква Ц. Звезда, овој клуб сега не му е ниту до колена на Баерн. Ќе победиме најмалку со 5-0, а три погодоци ќе постигне Левандовски“, е најоптимистичната прогноза од таборот на фановите на составот од Минхен.

Пресметката помеѓу германскиот и српскиот шампион почнува во 21 часот, а на стадионот се очекува да има околу 3.000 навивачи на гостинскиот тим.