Најдоски ја мотивира Ц. Звезда за дуелот со Баерн: Не е сè во парите – верувам во победа!

Македонската легенда Илија Најдоски, доскорешен технички директор на Вардар во пресрет на претпоследното коло од Лигата на шампионите на неговиот поранешен клуб Црвена Звезда против германскиот великан Баерн им упати посебна порака на црвено-белите фудбалери дека на теренот не играат парите и дека верува во триумф на својот екс-клуб.

Најдоски беше дел од белградскиот великан во златните времиња кога на патот до европската круна во 1991 година, во полуфиналето Ц. Звезда го елиминира баварскиот гигант, кој сега е апсолутен фаворит.

„Оваа генерација сите нас нè направи горда, го врати клубот во европскиот крем. Тој континуитет, па и искуството кое се стекнува е од непроценливо значење за клубот, за играчите, а на нас навивачите ни носи незаборавни моменти. Баерн од секогаш бил институција, еден од најдобрите клубови на светот, па секој позитивен резултат е вистинско богатство за целта – пролет во Европа. Јас верувам дека Звезда повторно може да го урне Баерн, без оглед што во последно време фудбалот е поделен на богати и сите останати. Ама – не е сè во парите“, им порача Најдоски на фудбалерите на Ц. Звезда.

Белграѓани утре од 21 часот на „Рајко Митиќ“ ќе го дочекаат германскиот гигант кој веќе го завери пласманот во осминафиналето во елитата, а црвено-белите имаат шанса како третопласирани да играат во шеснаестинафиналето во Лига Европа. Пласман може да обезбедат со победа и пораз на Олимпијакос кај Тотнем или во последното коло против „братскиот клуб“ во Пиреа да не загубат.