Над 100 клуба бараат од УЕФА цели две милијарди евра помош во оваа корона-криза

Над сто клубови во Европа, кои се тешко погодени од оваа пандемиска корона-криза и имаат сериозни милионски загуби поради тоа, побаруваат две милијарди евра во вид на помош од УЕФА, откако беше најавено дека европската централа ќе направи „фонд за помош“ со цел да им помогне на клубовите да го пребродат овој тежок период.

Угледниот „Блумберг“ повикувајќи се на извори кои добро се запознаени со случајот во Нион, посочуваат дека клубовите веќе доставиле барања за помош со севкупна сума од две милијарди евра, а сето тоа како обид да ги покријат сериозните загуби што во изминативе година ипол откако удри ковид-19 ги имаат клубовите.

Скоро да нема клуб кој поради актуелната криза не претрпе сериозна штета во своите финансии и тоа најмногу поради затворените стадиони и намалените маркетинг активности...Според пресметките на УЕФА и на Европската клупска асоцијација, севкупно фудбалот на Стариот континент во изминатиот период има претрпена штета со загуба од девет милијарди евра

„Блумберг“ уште пред два месеца објави дека УЕФА ќе формира фонд за помош, како еден од низата анти-кризни мерки, заедно и со ревидираниот финансиски фер-плеј, со цел да се спречи рецесијата во фудбалот и да се одржи стабилноста и ликвидноста на клубовите. Зад тоа стои заем од инвестициски фонд од САД со вкупна сума од шест милијарди евра, а дел од парите ќе бидат и помош за фудбалските федерации, како и за проекти преку кои ќе се развива фудбалот и ќе се заузда финансиски негативниот тренд сѐ до стабилизација на севкупната индустрија.

Всушност овие пари за помош, се еден вид кредити за клубовите по најниска каматна стапка, за што УЕФА гарантира, но за „Блумберг“ ниту од Нион, ниту од европската клупска асоцијација ЕКА не сакале да коментираат ништо на оваа тема.

Инаку овој дел со заемот на УЕФА, фондот за помош е дел од проектот на централата од Нион за да се урне спорната Суперлига.