Манчестер се бои во сино: Сити собори уште еден рекорд на Јунајтед

Актуелниот првак на Англија, Манчестер Сити синоќа ја совлада Спарта Прага со 5-0 и собори уште еден рекорд кој досега беше во сопственост на неговиот градски ривал Јунајтед.

Мечот против Спарта беше 26. во низа на кој „граѓаните“ не се совладани во рамките на Лигата на шампионите. Серијата почна во септември 2022 година и се уште трае, а во меѓувреме Сити ја освои и својата прва титула во елитното натпреварување. Досегашен рекордер беше Јунајтед кој од септември 2007 до мај 2009 година оствари низа од 25 натпревари без пораз. Во овие бројки влегуваат само натпревари кои не се одлучувани на пенали.

Последен кој успеал да го совлада Манчестер Сити во Лигата на шампионите е Реал Мадрид во полуфиналето од Лигата на шампионите, на 4 мај 2022 година на домашен терен, со 3-1 по продолженија.