Македонија без клуб во младинската ЛШ во новата сезона?
Според информации од низа медиуми, УЕФА планира за следната сезона во младинската ЛШ да го скрати системот, па елитното натпреварување за фудбалери до 19 години да се игра само со младинските тимови на клубовите кои ќе играат во новата сезона во Лигата на шампионите. Ова би значело дека за македонски тим да има во ЛШ потребно е нашиот претставник (ФФМ сè уште тактизира со пријавувањето на екипи за Европа) да обезбеди историска групна фаза во најелитното фудбалско натпреварување.
Македонија досега имаше претставник во младинскиот првак, а веќе неколку години по ред тоа се младинците на Шкендија, во шампионската група, каде низ елиминациски дел се играше првата фаза во која низ групи играа младите екипи на учесниците во ЛШ, а потоа вкрстуваа во елиминациска рунда на патот кон трофејот. Сега, таа „шампионска група“ нема да ја има, а ќе се играат само групите на учесниците, а оттаму ќе се бара идниот младински европски првак.
Сето ова УЕФА го прави за да се избегне дополнителни ризици со патувања во ек на коронавирусот, кој веќе влезе во втор бран во делови на Европа, како и во Македонија, па низа тешкотии има и да се изнајдат термини за играње, особено што се пролонгираше актуелната сезона која допрва треба да заврши во август, а доигрувањето во оваа младинска ЛШ е планирано од 16 до 25 август во Нион.
Во македонската младинска лига до прекинот најдобра беше екипата на Шкендија, но ФФМ ги прекина сите можни натпреварувања и не прогласи шампиони, ама ако треба(ше) да се пријавува екипа за младинската ЛШ, секако тоа би биле тетовци, кои лани се избламираа во пресметката со Динамо Киев (загубија 0-8 на првиот меч), а откако младинските шампиони во земјава играат, вклучувајќи го и Вардар од пред четири години, ниту еднаш не успеале да го минат првото коло во елиминациските рунди.
УЕФА на минатонеделниот состанок на Извршниот комитет објави само како ќе се игра завршницата од актуелната сезона, но не и како ќе изгледа новата сезона од септември-октомври, па веројатно во брзо време до првата половина на идниот месец ќе обзнани промени во системот на играње барем за една сезона поради оваа криза која направи многу проблеми.