Лукаку и Ериксен за славје на Интер, Јунајтед го потврди четвртфиналето од ЛЕ (ВИДЕО)

Фудбалерите на Интер и на Манчестер јунајтед се пласираа во четвртфиналето од Лига Европа, откако денеска излегоа како победници во единствениот меч на неутрален терен против Гетафе (2-0), односно во реваншот против ЛАСК (2-1).

Италијанскиот тим заслужено дојде до триумф на мечот што се одигра во Германија, иако Шпанците долго ќе жалат за промашениот пенал на Молина во 75. минута при водство на ривалот со 1-0, до кое дојде со погодокот на Лукаку во 33. минута. Потоа следуваше златна замена на Конте и внесувањето на Ериксен во игра во 81. минута, кој само две минути подоцна го постигна вториот погодок за нераѕурите за крај на сите дилеми на овој меч.

Јунајтед, пак, требаше само рутински да ја доврши работата по триумфот со 5-0 во првиот меч во Австрија. ЛАСК прв дојде до водство вечерва со голот на Вајсингер во 55 минута, но Лингард изедначи две минути подоцна, а Мартиал стрелаше за победа во 88. минута.

„Црвените ѓаволи“ во четвртфиналето ќе се сретнат со Копенхаген, додека Интер го чека подобриот од утрешниот реванш-меч помеѓу Ренџерс и Баер Леверкузен, во кој Германците влегуваат со водство од 3-1.