Лингард му подари триумф на Јанг Бојс, Севилја во луд меч освои бод против Салцбург (ВИДЕО)

Манчестер јунајтед доживеа голем шок на гостувањето во Берн кај Јанг Бојс затоа што загуби со 1-2 со гол во последната минута од натпреварот, додека Севилја одигра 1-1 против Салцбург.

Кристијано Роналдо по 14 минути успеа да постигне гол за водство на Манчестер јунајтед, но играта на „црвените ѓаволи“ се распадна по црвениот картон на Ван-Бисака, кој поради груб старт беше исклучен од натпреварот.

Во вториот дел Јанг Бојс доминираа на теренот и во 66. минута стигнаа до 1-1. Потоа Де Хеа успешно го бранеше својот гол, но во 95. минута домаќинот ги шокираше „ѓаволите“ откако голема грешка направи Џеси Лингард.

Натпреварот во Севилја го одбележаа четири пенали во првиот дел, од кои по еден на двете страни реализираа Сучиќ и Ракитиќ, но Салцбург промаши уште два удари од белата точка преку хрватскиот играч и Адејеми.

Во вториот дел Ен Незири доби црвен картон, па тоа им создаде дополнитени проблеми на фудбалерите на Севилја, која сепак освои бод во мечот.