Косово играше во Љубљана како дома (ВИДЕО)
Нашиот северозападен сосед има шанса и директно да се пласира на Мундијалот, но тоа се граничини со теорија бидејќи во последното коло треба да ја победи Швајцарија со 6-0 на домашен терен, а во досегашните пет меча има постигнато вкупно пет гола. Без разлика на исходот во вторник, косовските навивачи се пресреќни од досега постигнатото, а и тие самите имаат придонес за тоа бидејќи синоќа им дадоа огромна поддршка на своите фудбалери во Љубљана.
Стадионот Стожице во словенечката престолнина беше преплавен од навивачи на Косово. Од вкупно 15.300 присутни на натпреварот, според официјалните бројки, повеќе од две третини беа фанови на гостите, па косовската репрезентација во Љубљана се чувствуваше како да игра на домашен терен. Оттука и не е чудо што релативно лесно дојде до победата од 2-0 што ѝ овозможи да се пласира во баражот.