Хрватски аналитичар ги понижи Србите: Пикси е ужасен, а ако загубат од Англија ќе биде – весело!

Европското првенство во фудбал започнува вечерва и тоа со натпреварот помеѓу Германија и Шкотска, кој од 21 часот ќе се одигра на „Алијанц арената“ во Минхен.

На првенството меѓу другите настапуваат селекциите на Хрватска и Србија, држави меѓу кои со векови владее голем антагонизам, што може да се види и од нападот на хрватскиот стручен консултант Јошко Јеличиќ, кој на срамен начин проговори за српската репрезентација.

„Што се однесува до Србите, во однос на егото и нивните внатрешни проблеми, мило ми е што се на првенството бидејќи нема да биде досадно. Особено ако загубат во првиот натпревар од Англија, што е и очекувано. Се надевам нема да се распаднат, тогаш ќе има многу материјал, одамна не сме виделе кој е со кого, кој и така...“, срамно коментираше Јеличиќ за ХРТ.

Тој посебно го нападна и селекторот на нашиот северен сосед, Драган Стојковиќ-Пикси.

„Нивниот проблем е што селекторот не му носи ништо на тимот. Тие треба да имаат појасна хиерархија, но не во однос на тоа која е поголема ѕвезда. Пикси и неговите изјави, го гледавме како го пцуе својот играч на пријателски натпревар, правејќи ги сите работи што одамна ги немале и веројатно никогаш нема да го имаат култот на репрезентацијата“, дополни тој.

Челниците на ХРТ веднаш се огласија оградувајќи се од изјавите на Јеличиќ.

„Наведените ставови не се ставови на Хрватската радио-телевизија“, соопштија од националната телевизија.