ФИФА поради Саудијците мораше да го промени протоколот пред натпреварот со Уругвај

Саудиска Арабија и Уругвај изминатата вечер во Флорида го одиграа својот прв натпревар на Светското првенство, кој заврши без победник 1:1.

Овој дуел привлече внимание и поради случувањата пред самиот почеток, бидејќи ФИФА мораше да го промени вообичаениот протокол поврзан со националните знамиња.

На актуелниот Мундијал организаторот пред секој натпревар на теренот поставува огромни знамиња на двете селекции кои играат, но овојпат тоа не беше случај. Наместо да бидат на тревата, знамињата на Саудиска Арабија и Уругвај беа држени затегнати од редари за да не ја допираат подлогата.

Причината за ова беше барање на Саудијците, поврзано со нивното строго правило дека националното знаме никогаш не смее да биде поставено на подот. 

Поради тоа, ФИФА направи корекција на стандардната процедура и дозволи саудиското знаме да биде држено во воздух за време на церемонијата пред натпреварот. Истото беше направено и со знамето на Уругвај, за да нема разлика меѓу двете селекции.