Холанѓаните посакуваат да се повтори 1988 година

Репрезентацијата на Холандија денеска од 15 часот го почнува својот пат на Европското првенство во Германија што ќе биде нејзино 11. учество на континенталните шампионати.

Последното првенство во Германија се одржа пред 36 години, во 1988 и тогаш на него триумфираше токму Холандија. Сепак, сега ситуацијата е многу поинаква и потешко се стигнува до трофејот, пред се поради зголемениот број учесници на овие манифестации.

Таа 1988 година, на шампионатот во Германија учествуваа само осум репрезентации, Холандија почна со пораз од СССР (0-1), но потоа ги победи Англија и Ирска во групата, па домаќинот во полуфиналето, за во финалниот меч да му се одмазди на СССР и да го совлада со 2-0. Повозрасните љубители на фудбалот уште се сеќаваат на спектакуларниот гол на Марко ван Бастен, еден од најубавите во историјата на европските првенства. Оттогаш Холандија уште три пати стигнуваше до полуфиналето, но никогаш повторно не успеа да ја мине претпоследната пречка.

Оваа репезентација на Холандија не е толку моќна како таа од 1988 година која освен Ван Бастен, ги имаше уште Гулит, Рајкард, Роналд Куман (сега е во улога на селектор), Ван Брукелен, Ервин Куман, Винтер, Кифт итн. Освен тоа, сега на Европското првенство учествуваат 24 репрезентации и потребни се седум меча за да се дојде до титулата. Холандија денеска од 15 часот игра против Полска, а во групата ги има уште Австрија и Франција.