Хејнкес: Реал е навикнат да игра контроверзни натпревари, а Баерн не!

Баерн Минхен вечерва му гостува на Реал Мадрид во реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите, откако во првиот меч загуби со 1-2 на својата „Алијанц арена“. 

Последниот натпревар во ЛШ на „Сантјаго Бернабеу“ донесе голема судиска контроверзија, а Реал продолжи понатаму елиминирајќи го Јувентус. Баерн имаше замерки за судењето и во сопствениот мч со Реал, во Минхен, затоа со посебно внимание се зборува за тоа и пред вечерашниот реванш

„Знаеме дека ќе биде тешко, бидејќи тие се навикнати на вакви натпревари, а ние не сме. Реал против Јувентус покажа дека е ранлив и дека може да биде победен, а јас знам дека ние сигурно ќе им бидеме незгоден противник. Напредувавме и имаме важна цел, која сакаме да ја исполниме. Сакаме да одиме во финале“, изјави Јуп Хејнкес, тренерот на Баерн.

Вечерва правдата ќе ја дели Турчинот Џинејт Чакир, еден од најреспектибилните судии, кој веќе еднаш му судеше на Баерн сезонава.

„Тој ни судеше на натпреварот против ПСЖ и тогаш заврши одлична работа. Очекувам дека и вечерва ќе биде објективен“, порача Хејнкес.

Натпреварот почнува во 20.45.