Хаос во Алкмар: Полицијата удри по раководството и фудбалерите на Легија! (ВИДЕО)
Познато е дека полските навивачи се проблематични, но овојпат дебел крај извлекоа и челниците на Легија и дел од играчите.
Претседателот на Легија, Дариуш Миодуски добил неколку удари од полицијата, дел од играчите се пуштиле во клинч со обезбедувачите на редот, а португалскиот фудбалер и капитен на екипата, Жозуе и Србинот Радован Панков биле извлечени од автобусот и приведени во станица.
Инцидентот почнал откако полицијата неочекувано решила да ги затвори вратите на стадионот во Алкмар иако половина од експедицијата на Легија не била излезена. Дел веќе била во автобусот, а дел допрва требала да излезе од соблекувалната.
Полицијата решила да го затвори стадионот откако навивачите на Легија кои требале да почекаат за да излезат, тргнале да излегуваат од друга страна на стадионот.
Раководството и фудбалерите на Легија шокирани и незадоволни од одлуката на полицијата, почнале да негодуваат, се создала тензија, полицајците го загубиле трпението и почнале да удираат по гостите од Полска.
Според полските медиуми, играчите Жозуе и Панков се извлечени од автобус и приведени во полициска станица. Тренерот на Легија, Коста Руњајиќ и тим менаџерот Конрас Пашњевски заедно со клупскиот адвокат, заминале по нив во станица.