Голманот на Динамо Загреб прими девет гола и пак е најдобар по првата рунда во ЛШ!

Динамо Загреб го претрпе најтешкиот пораз во Лигата на шампионите, откако беше декласиран од Баерн во Минхен (2-9), а катастрофата на хрватскиот тим можеше да биде и полоша ако на голот не беше одличниот Иван Невистиќ (26).

Тој и покрај полната мрежа заврши како најдобар чуват на мрежата по првата рунда од ЛШ со најголем број одбрани. Невестиќ прими девет гола, но имаше десет одбранете удари кои Баварците ги упатија кон неговиот гол. Голманот на „модрите“ не може да биде обвинет за некој од примените голови - три дојдоа од пенали, еден беше резултат на маестралниот потег на Рафаел Гереиро, додека другите пет беа резултат на брилијантно одиграни акции.

Невистиќ ја надмина светската голманска елита како Тер Штеген, Тибо Куртоа, Мартинез, Зомер и Маињан, кои имаа по пет или шест одбрани, а најблиску до него беше Доминик Такач, голман на Слован Братислава, кој исто така имаше лоша ноќ. Неговиот тим загуби од Селтик со 5-1, а тој згора на тоа имаше седум одбрани.