Гол-шоу на Митровиќ, кикс на Шпанија за двојна радост на Португалија (ВИДЕО)

Српската премиерлигашка ѕвезда Александар Митровиќ имаше вечерва свое гол-шоу откако даде хет-трик за блескавата Србија да ја прегази Шведска со 4-1 и да се израмни бодовно со Норвешка во битката за првото место и пласманот во А-дивизијата во Лигата на нациите.

Србија се најде во негатива после голот на Клаесон во 15-та минута, но „викинзите“ не се израдуваа премногу на голот, откако голгетерот на Фулам го започна своето шоу со гол во 18-та за израмнување, па во 45-та за водство, а пет минути по стартот на вториот дел даде ѝ трет гол за практично да ја обезбеди победата.

Печат на троиумфот за „орлите“ стави Саша Лукиќ со прекрасен гол од 16 метри и сега Србија во Осло ќе мора да ја победи Норвешка за првото место, поради поразот во Белград во јуни годинава.

Голем кикс направи Шпанија која загуби во Швајцарија со 1-2, па двојна радост има за Португалците после нивната победа со 4-0 против Чешка после која го преземаа првото место во групата пред решавачката пиринејска пресметка во последното коло за првото место и пласманот на фајнлфорот.

Португалија сега има 10 бода, два повеќе од Шпанија и во вторник се домаѓини во пресметката со „црвената фурија“ во мечот на кој за прво место им одговара и реми.

Диего Далот со два гола и по еден на Бруно Фернандеш и Диего Жота, Португалците дојдоа до победата во Прага, додека Бриел Емболо ја урна Шпанија со голот во 58-та минута, откако Мануел Аканџи донесе предност во првиот дел, а Жорди Алба израмни во 55-та.

Шкотска со пресврт ја победи Р. Ирска во „островската пресметка“ за повторно да се искачи на првото место пред клучната пресметка со Украина, која денеска ја разнесе Ерменија со 5-0, а Израел во 93-та минута со гол дојде до победа против Албанија за да обезбеди прво место во групата и со тоа пласман во А-дивизијата.

Кипар со 1-0 ја победи Грција и се израмни со С. Ирска во борбата за опстанок во Ц-дивизијата, откако Северноирците во 93-та минута дојде до победа против Косово со 2-1.