Глигоров: Вардар е подготвен за бодови во Трондхајм!

Вардар тренираше во Трондхајм, фокусиран на утрешниот натпревар (19 ч.) против Розенборг на кој гледа како шанса за први, историски бодови во групната фаза од Лига Европа.

Поразот од Зенит со 5-0 им помогна на фудбалерите на Вардар да ѝ погледнат во очи на реалноста и да влезат во дуелите со реномираните противници со голема сериозност и концентрација. Со таков тон е и изјавата на Никола Глигоров на вечерашната прес-конференцијата, кој вели дека Вардар е свесен за индивидуалниот квалитет на играчите на Розенборг, но истовремено и подготвен за први бодови.

„Знаеме против каков противник играме. Розенборг добро е анализран од наша страна. Во своите редови има добри играчи, поединци, пред сѐ тука најпознат е Бентнер којшто има огромно искуство со репрезентацијата и со настапите во силните првенства во Европа. Тоа што успеаја да го елиминираат Ајакс во Лигата на Европа, доволно кажува за нашиот противник. Меѓутоа ние сме подготвени да дадеме максимум на теренот, да се претставиме во добро светло и се надевам дека гледачите кои ќе дојдат утре на стадионот на Розенборг, ќе имаат можност да гледаат еден добар натпревар на два тима кои ќе сакаат да освојуваат бодови во групата. Ние имаме желба за добар резултат и се надевам дека ќе го оствариме утре на теренот тука во Трондхајм“, изјави Глигоров.