Флик грми на судиите: Атлетико требаше да добие црвен картон, а Барса пенал

Во петтиот меѓусебен натпревар од сезоната, кој беше подеднакво напнат и возбудлив како и претходните четири, Атлетико Мадрид ја победи Барселона на Камп Ноу со 2-0 и е многу блиску до пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите.

Клучниот момент се случи пред крајот од првото полувреме кога домашниот тим остана со играч помалку, што Атлетико го искористи за да обезбеди голема победа. Џовани Симеоне иташе кон голот на Барселона, а како последен играч на 20 метри, беше соборен од Пау Кубарси. Судијата Ковач првично му покажа жолт картон, но откако го прегледа видеото, ја промени својата одлука и го исклучи стоперот на Барселона. Атлетико поведе веднаш од тој слободен удар откако Хулијан Алварез постигна мајсторски гол.

Иако црвениот картон се чини дека е чист, тренерот на Барселона, Ханси Флик беше лут поради други судиско одлуки. Пред се, поради тоа што не беше досуден пенал по играњето со рака на Пубиљо и верува дека требало да му се покаже црвен картон. Исто така, спорна е ситуацијата кога Ле Норман играше со рака во својот шеснаесетник.

„Не знам, можеби беше црвен картон, можеби не беше. Не сум сигурен дали ја допре доволно. Топката беше зад него. Нормално е да се случуваат грешки, но која е поентата на ВАР во вакви ситуации? Требаше да биде пенал и втор жолт картон, или црвен картон“, смета Флик.

„Каталонците“ се незадоволни и поради тоа што Коке во првото полувреме не доби црвен картон и покрај тоа што имаше неколку груби фаули. Барса сега е на раб на уште една болна елиминација во Лигата на шампионите, трета од Атлетико во последните 12 години. Од истиот тим сезонава загуби и во Копа дел Реј, па ако во вторник не успее да надополни два гола негатива, ќе остане да се бори само за трофејот во Ла Лига.