Фиго собра храброст да ѝ гостува на Барса и доби навреди од навивачите (ВИДЕО)

Еден од најомразените фудбалери на навивачите на Барселона, Луис Фиго синоќа во живо го следеше натпреварот против ПСЖ на Монжуик.

Неговото присуство беше најавено уште пред мечот, па фановите беа подготвени да му приредат уште еден жесток пречек. Во повеќе наврати во текот на мечот, Португалецот беше жестоко навредуван од трибините, но навредите ги прими стоички, најчесто со насмевка на лицето.

Фиго е непосакуван во Барселона од 2000 година кога изврши големо фудбалско предавство. Иако претходната сезона беше капитен на Барса, португалскиот ас и освојувач на Златната топка ја прифати понудата на Реал Мадрид и одлучи да се пресели во најголемиот ривал. Оттогаш, на секое гостување на Камп Ноу (и сега на Монжуик) тој трпи навреди, а во колективната меморија остануваат сцените од 2002 година кога беше фрлена свинска глава од трибината додека тој се обидуваше да изведе корнер во едно Ел Класико.