
„Натпреварот со Рајо, историски за Шкендија, не играме секој ден со вакви тимови“
Тетовци вчера тренираа на Ваљекас, стадионот на Рајо Ваљекано кој во својот дом е тежок ривал и за најсилните клубови во Шпанија. Тренерот Јетон Беќири на прес-конференцијата истакна дека е јасно кој ја има фаворитската улога, но дека Шкендија ќе се обиде да направи ново изненадување.
„Ни претстои важен натпревар за нас како клуб, како стручен штаб, како фудбалери и за сите кои се вклучени во Шкендија. Овој меч е историски во однос на нашето деби во Конференциската лига, а и затоа што ќе играме против екипа од еден многу респектиран шампионат. Рајо Ваљекано има многу квалитетни играчи и би сакал да ги почитувам сите. Што се однесува до тимот, тие се агресивни, играат модерен фудбал и атмосферата што се создава овде на стадионот секогаш е извонредна.
За нас е важно да играме добро, да се обидеме да го дадеме максимумот. Вистина е дека не играме секој против екипа од Ла Лига, која според мене е најсилна лига во светот“, рече Јетон Беќири.
Најдобриот стрелец во историјата на македонското првенство Бесарт Ибраими тврди дека екипата е подготвена да одигра најдобро што може и да се обиде да оствари добар резултат.
„Ова е историски натпревар за сите нас во Шкендија. Подготвени сме да го дадеме максимумот, знаеме со каков противник играме утре. Го почитуваме, нашето е да излеземе на терен, да го дадеме максимумот и да се надеваме дека во фудбалот не победува секогаш подобриот. Подготвени утре да излеземе на терен, да го дадеме максимумот во секој аспект. Знаеме со каков противник имаме работа, важно е што ние сме подготвени, а останатото ќе го оставиме за на терен“, рече Ибраими.
Натпреварот во Мадрид се игра денеска од 18:45 часот, а во истиот термин има уште осум дуели од Конференциската лига.