Фелипе ќе дебитира со Дуделанж, а тетовци најавија: Подготвени сме да се вратиме на победите!

После срамната елиминација од естонски Номе Калју во квалификациите во Лигата на шампионите, тетовска Шкендија утре попладне (17 часот) ќе се обиде да се извади за очајниот настап во елитата против луксембуршки Дуделанж во второто коло од „шампионската група“ во Лига Европа.

Македонскиот шампион пред себе има незгоден противник, кој иако доаѓа од Луксембург, лани играше во групната фаза во Лига Европа, но тетовци најавуваат дека утре приказната ќе биде поинаква и дека со низа промени во тимот може да се стигне до добар резултат пред реваншот за една недела.

„Прво што после таа елиминација од ЛШ требаше да ја направиме е да ја вратиме атмосферата, која ја имавме. Направивме анализа од тој меч со Номе Калју и свесни сме дека испаднавме на наши грешки, но нема да кажам дека тоа било несреќно. Позитивната атмосфера ја вративме, а ни е потребна за да го минеме Дуделанж. Утре Шкендија мора да биде поорганизирана, не само во офанзива, туку и во дефанзива. Ние сме подготвени и сигурно е дека ќе има промени во екипата. Пред се ќе имаме друг пристап, зашто еден од проблемите за поразот пред една недела беше токму тој пристап. Една од промените сигурно е дека Фелипе утре ќе го почне мечот“, вели Ќатип Османи, тренерот на Шкендија.

Кормиларот на тетовци посочи дека за разлика од Номе Калку, Дуделанж е еекипа која сака да игра фудбал, за разлика од Ерменците кои добро се бранеа

„Ако ги споредуваме Номе Калју и Дуделанж, Номе Калју е подобар тим поради добрата дефанзива, за разлика од Дуделанж кој сака да игра фудбал. Станува збор за квалитетен тим, кој иако игра во лига како луксембуршката е доминантен. Лани играа во групите во Лига Европа. Станува збор за екипа со тотално поинаква философија од Номе Калју“, додава Османи.

Капитенот на Шкендија, Арменд Алими пред утрешниот меч со луксембуржаните посочи дека очекуваат да го минат противникот, без оглед што се соочуваат со голем притисок по ужасот во ЛШ.

„После тој пораз неопходно беше да се погледнеме во очи и да разговаравме. Свесни сме дека згрешивме и сега имаме можност да го поправиме тоа, да се вратиме на победничкиот колосек. За нас притисокот е добредојден, ние сме професионалци и порано сме имале вакви притисоци. Сега очекувам поинаков меч. Лани Дуделанж ја мина Легија, играше групи во Лига Европа, но во фудбалот сѐ се сведува на теренот и таму се покажува силата. А, ние сме подготвени да покажеме дека сме подобри“, вели Алими.