Елмас и Наполи победија за Марадона, чудесен пресврт на ПСВ и камбек на Бенфика (ВИДЕО)

Фудбалерите на Наполи без многу мака ја победија Ријека (2-0) во вечерашниот меч од 4. коло од Лига Европа, во емотивен меч кој беше одигран во чест на прерано починатиот Диего Марадона, кој, меѓу другото, е и поранешна легенда на тимот од Неапол.

Нашиот Елиф Елмас беше меѓу стартерите и имаше чест да ја облече „десетката“ на големиот Аргентинец како и сите соиграчи пред почетокот на мечот, а беше заменет во 69. минута кога на негово место влезе Мертенс, додека за хрватскиот тим сите 90 минути ги одигра Дарко Велковски. Анастасио со автогол го отвори резултатот за домашниот тим, а точка на средбата стави Лозано во 75. минута. Наполитанците сега се први на табелата во групата Ф со девет бода, два повеќе од Реал Сосиедад и АЗ Алкмар. 

Фудбалерите на ПСВ го совладаа ПАОК (3-2) и тоа откако грчкиот тим чудесно ја почна средбата и по само 13 минути игра веќе водеше со 2-0 со головите на Варела во 4. и на Цолис. Гакпо во 20. минута прво го намали резултатот, додека Мадуке и Мален во 51. и 53. минута го потврдија чудесниот пресврт. Драматично беше и во Глазгов, каде што Ренџерс повторно пропушти голема шанса да ја совлада Бенфика како и на мечот во Португалија во минатото коло, кога имаше водство од 3-1, но мораше да се задоволи со реми (3-3). овој пат, шкотскиот тим водеше со 2-0 со головите на Арфилд во 7. и Руфи во 69. минута, но гостите со автоголот на Таверние во 78. и со голот на Пици во 81. минута пак спасија барем еден бод.

РЕЗУЛТАТИ: АЗ Алкмар-Реал Сосиедат 0-0, Баер Леверкузен-Хапоел БШ 4-1, Клуж-Рома 0-2, Дундалк-Рапид 1-3, Гранада-Омонија 2-1, Наполи-Ријека 2-0, Ница Славија П. 1-3, ПСВ-ПАОК 3-2, Ренџерс-Бенфика 2-2, Стандард-Лех 2-1, Тотнем-Лудогорец 4-0.