Џерард: Златната генерација на Англија не успеа бидејќи бевме егоистични лузери

Легендата на Ливерпул и англискиот фудбал Стивен Џерард во поткастот на Рио Фердинанд, меѓу другото, зборуваше за репрезентативната генерација од почетокот на новиот век.

Во првата деценија од 21. столетие, Англија, според имињата, имаше исклучително силна репрезентација во која, покрај Џерард, играа Бекам, Сколс, Фердинанд, Лампард, Тери, Овен итн. И покрај звучниот состав, таа Англија никогаш не стигна подалеку од четвртфиналето на големите натпреварување и постојано беше разочарување за љубителите на фудбалот во земјата. Џерард ги лоцира причините кои доведоа до низата неуспеси.

„Сите бевме егоистични лузери. Гледам сега телевизија и во исто студио се Карагер и Сколс, како да се најдобри пријатели во животот. Можеби сега сме доволно зрели и затоа сме поблиску, но кога игравме за Англија, не можевме да се поднесеме и не можевме да направиме колектив. На многу собири на репрезентацијата не ни разговаравме, а опкружувањето беше такво што ниеден селектор не успеа да не обедини. Јас уживав да играм за Англија, но атмосферата во репрезентацијата беше ужасна, а ги мразев собирите затоа што морав по цел ден да седам в соба, немаше социјални мрежи, немаше ДВД, едноставно немав што да правам и депресивно седев сам“, открива Џерард.

И тој и водителот Фердинанд признаа дека и самите тие не можеле да се поднесат пред 15-20 години, најмногу поради тоа што едниот играше за Ливерпул, а другиот за Манчестер Јунајтед.