Двајца фудбалери на Реал побарале да не шутираат пенали

За многумина чуден беше изборот на фудбалери на Карло Анчелоти во пенал-серијата која одлучуваше за тоа кој ќе оди во полуфиналето од Лигата на шампионите.

Одговорност презедоа играчи кои не се главни ѕвезди во тимот, како Лукас Васкез, Начо и Антонио Ридигер, а останатите двајца беа Лука Модриќ и Џуд Белингам. Можеби беше и логична ваквата постава ако се знае дека Родриго и Винисиус не беа во игра до крај, па не можеа да бидат изведувачи, но помошниот тренер Давиде Анчелоти по мечот откри дека имало и двајца што одбиле, односно побарале да не шутираат. Станува збор за Федерико Валверде и Едер Милитао, првиот играше 120+ минути, а вториот влезе во второто продолжение.

„Федерико требаше да биде петти изведувач, но ми рече дека е преморен, па затоа одлучивме место него да шутира Ридигер“, рече Анчелоти помладиот.

Милитао замолил да не шутира поради противничкиот голман Едерсон. Двајцата се бразилски репрезентативци и чуварот на мрежата на Манчестер Сити добро знае како би шутирал тој.