Динамо со Адеми како стопер брка сензација и чека помош од Аталанта за – историја!

Загрепски Динамо со македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, кој ќе игра како стопер за да ја пополни дупката во одбраната, вечерва (18.55 часот) на „Максимир“ ќе се обиде да ја направи најголемата сензација и да го победи англискиот шампион Манчестер сити, за да завери европска пролет, а од италијанска Аталанта ќе зависи дали тоа ќе биде историско осминафинале во ЛШ или шеснаестинафинале во Лига Европа.

Откако веќе се познати 14-те од 16 осминафиналисти во оваа сезона во Лигата на шампионите, вечерва на спуштањето на завесата за групната фаза во оваа сезона ќе бидат познати последните двајца учесници. Покрај Динамо, Шахтер или Аталанта пласман брка и поранешниот финалист во ЛШ и освојувач на Лига Европа, Атлетико Мадрид кој ја пречекува руска Локомотив Москва на својата „Ванда Метрополитано“.

Загрепските „модри“ ќе се соочат со англискиот шампион иако Пеп Гвардиола најави дека ќе игра со комбиниран тим на „Максимир“ за да ги сочува главните ѕвезди, но динамовци ги очекува и тоа како силен предизвик за да стигнат до евентуална сензација.

„Каков ослабен Сити, доаѓаат со девет врвни ѕвезди и неколку младинци. Пред нас е тим кој е еден од најдобрите тимови на светот и ако сакаме добар резултат мора да одиграме врвно“, вели тренерот Ненад Бјелица.

На Динамо само победа му е во опција, зашто е бод зад Шахер, а доб пред Аталанта, кои во меѓусебен меч исто така решаваат. За Шахтер сигурно да се пласира му треба триумф, но може до осминафинале и со бод, ако Динамо не го победи Сити. Аталанта, пак, мора да победи, но исто така да чека помош од „граѓаните.

Атлетико Мадрид сам си ја решава судбината во пресметката со Локомотив, иако на мадриѓаните не им треба победа за пласман, во случај да им помогне Јувентус кој игра со Баер Леверкузен. Од друга страна „фармацевтите“ имаат шанса за пласман, но освен што ќе треба да ја победат „старата дама“, ќе им биде потребна помош и од Локомотив, најмалку со реми на „Ванда Метрополитано“.

Останатите мечеви денеска се без поголем значај за осминафиналето, но во Атина, Олимпијакос и Ц. Звезда ќе играат „братска пресметка“ за место во пролетниот дел од елиминациите во Лига Европа, а Бриж и Галатасарај во своите мечеви со Реал Мадрид односно ПСЖ ќе се борат за бод(ови) и пласман во второто по ранг натпреварување.

Во осминафиналето во ЛШ досега пласман обезбедија Барселона, Реал Мадрид, Валенсија (Шпанија), Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Тотнем (Англија), Баерн Минхен, Борусија Дортмунд, Ред Бул Лајпциг (Германија), ПСЖ, Лион (Франција), Јувентус, Наполи (Италија).

ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

ГРУПА А (21 часот): ПСЖ – Галатасај, Бриж – Реал Мадрид
ТАБЕЛА: ПСЖ 13, Реал Мадрид 8, Бриж 3, Галатасарај 2.

ГРУПА Б (21 часот): Баерн М. - Тотнем, Олимпијакос – Ц. Звезда
ТАБЕЛА: Баерн М. 15, Тотнем 10, Ц. Звезда 3, Олимпијакос 1.

ГРУПА Ц (18.55 часот): Динамо З. - Манчестер сити, Шахтер – Аталанта
ТАБЕЛА: Манчестер сити 11, Шахтер 6, Динамо 5, Аталанта 4

ГРУПА Д (21 часот): Баер Л. - Јувентус, Атл. Мадрид – Локомотив М.
ТАБЕЛА: Јувентус 13, Атл. Мадрид 7, Баер Л. 6, Локомотив М. 3