Новата тениска кралица се вика Мира Андреева: Сакам да се заблагодарам – самата на себе!

Руската тенисерка, Мира Андреева, е новата шампионка на Ролан Гарос, откако во вчерашното финале ја совлада полската квалификантка Маја Хвалинска (6-3, 6-2- со што го заокружи еден од најимпресивните настапи во историјата на турнирот.

На нејзината јакна по триумфот пишуваше порака која привлече огромно внимание: „Сакам да се заблагодарам сама на себе“, симболична порака за неверојатниот пат до титулата. Иако пред само неколку месеци во Мадрид нервозно му порачала на својот тим дека „не е шампионка“, таа во Париз докажа спротивното – и тоа на најголемата сцена.

Ролан Гарос го заврши со само еден изгубен сет, уште во второто коло и со тоа стана најмладата тенисерка во светот рангирана меѓу најдобрите осум на ВТА листата. Андреева со 19 години и 39 дена е најмладата гренслем-шампионка во женска конкуренција на Ролан Гарос по Ига Швјонтек во 2020 година, а истовремено и најмладата победничка на „Филип Шатрие“ по легендарната Моника Селеш во 1992 година. По победата, таа откри дека уште како дете сонувала да го освои Париз и ѝ оддаде признание на својата противничка.

„Играв против многу незгодна противничка. Се надевам дека Маја во иднина ќе игра уште финалиња“, изјави шампионката.

Талентот на Андреева одамна е познат во светот на тенисот – уште на 16 години почна да бележи големи победи на ВТА турнејата. Од 2024 година соработува со поранешната вимблдонска шампионка Кончита Мартинез, што значително ја подигна нејзината игра. Нејзиниот највисок пласман досега е 6. место на ВТА листата, а има и олимписко сребро во двојки од Париз 2024 година, заедно со својата партнерка Дијана Шнајдер. Во 2025 година го освои и Индијан Велс, победувајќи ја светската број еден, Арина Сабаленка.

Родена е во Краснојарск во 2007 година, а тенисот го гради заедно со својата постара сестра Ерика. Позната е како повлечена и скромна личност која ретко зборува за приватниот живот. Нејзините фанови добро знаат и кој ѝ е спортски идол – легендарниот Енди Мареј, за кого често зборува со голема почит. Една од нејзините најпознати изјави дојде по победа на Австралија опен, кога искрено призна дека би сакала да го испечати и врами еден твит од Мареј, бидејќи не можела да поверува дека тој воопшто ја следел.

Сега, таа веќе не е само талент – туку гренслем-шампионка.

ФОТО: X / @rolandgarros