Азербејџанското чудо доби огромна финансиска награда од претседателот на државата

Азербејџанскиот првак доби огромна финансиска награда за историскиот успех во Лигата на шампионите.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, наредил од државниот резервен фонд да бидат издвоени 5 милиони манати, односно нешто повеќе од 2,5 милиони евра, како награда за фудбалерите и стручниот штаб. Одлуката е официјално објавена на веб-страницата на претседателот.

„Во врска со пласманот на тимот во главната фаза на Лигата на шампионите, одобруваме 5 милиони манати за Сабах од претседателскиот резервен фонд, определен во државниот буџет на Азербејџан за 2026 година“, стои во документот.

Наградата доаѓа откако Сабах за првпат во својата историја обезбеди пласман во главната фаза од Лигата на шампионите. Клубот кој постои само девет години го елиминираше израелскиот Хапоел Беер Шева во плејофот и испиша историја. Со овој успех, Сабах стана вториот азербејџански клуб кој успеал да стигне до главната фаза од најелитното европско клупско натпреварување. Пред него тоа му успеало само на Карабах, кој во сезоната 2017/18 играше во групната фаза, а во сезоната 2025/26 повторно беше дел од главната фаза.