Англија не планира да го смени селекторот најмалку до крајот на ЕП 2028!

Селекторот на англиската фудбалска репрезентација, Томас Тухел, ќе потпише нов договор со кој ќе остане на функцијата најмалку до Европското првенство 2028 година, објавија британските медиуми.

Германецот ја презеде Англија лани во јануари, а актуелниот договор му важи до крајот на годинешниот Мундијал. Се очекува тој да ја води репрезентацијата и на Европското првенство, кое Англија ќе го организира заедно со Велс, Шкотска и Република Ирска. Поранешниот тренер на Челси и ПСЖ има совршен старт на селекторската функција, откако ја предводеше Англија до осум победи во осум натпревари во квалификациите за Светското првенство.

Англичаните на СП 2026 ќе настапат во група со Хрватска, Гана и Панама, а Фудбалската асоцијација веќе ги потврди и последните пријателски натпревари пред турнирот - во јуни против Костарика и Нов Зеланд и тоа во Флорида.