Дамјан Стојановски брка историја во Куманово - може да стане најголема легенда во Купот!
Пехарот го брани МЗТ Скопје, кој е и рекордер со 13 триумфи, вклучувајќи три по ред - од 2023 година до лани. Посебен мотив во годинашното издание од Купот ќе има капитенот на аеродромци, Дамјан Стојановски, кој со евентуален триумф на неговиот тим ќе стане најуспешен кошаркар во историјата на ова натпреварување. Во моментов го дели првото место со Перо Блажевски со по десет пехари, а Дамјан би се издвоил на првото место ако и овојпат успее да триумфира. Последниот пехар Блажевски го освои во 2011 година што значи дека тој би соборил рекорд стар 15 години.
Од активните кошаркари, ниту еден не му е конкуренција на легендарниот капитен на МЗТ Скопје, а најблиску му се неговиот брат Војдан и Бојан Крстевски, со по пет пехари во Купот. Семејството Стојановски (Огнен, Војдан и Дамјан) досега има 23 трофеи во Купот на Македонија и ако МЗТ Скопје триумфира во Куманово, оваа бројка ќе се искачи на 25.
Шанса за влез во историјата има и најуспешниот тренер во македонската кошарка, Марин Докузовски. Како тренер на Куманово, тој ќе се обиде по петти пат да го освои трофејот во Купот на Македонија и со тоа да се израмни со рекордерот Александар Књазев, кој пет пати триумфираше во Купот, додека Докузовски и Јорданчо Давитков имаат по четири пехари.
Селекторот од историското четврто место на ЕП 2011 својот последен пехар во Купот, Докузовски го освои во 2019 година со Работнички, што е и последен трофеј досега за клубот од Градски парк. Марин викендов може да стане највозрасен освојувач на Купот на Македонија. Тој има 65 години, а и тука рекордот го држи Књазев кој во 1999 триумфираше во Купот на 59-годишна возраст.
Што се однесува до најмладиот освојувач, на врвот е Емил Рајковиќ кој освои Куп на Македонија како тренер на 29 години. Од сегашните тренери, помлад од него е само предводникот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ (27 години), кој ако успее да направи сензација, ќе постави нов рекорд.