Англичаните веќе открија колкава пауза го чека Роналдо
„Гардијан“ повикувајќи се на извори од Нион, од централата на УЕФА, пишува дека мислењето на органите е дека судијата Феликс Брих и неговиот помошник згрешиле со исклучувањето, кое е престрого, па Роналдо не би требало да добие сериозна суспензија. Поради црвениот картон, дисциплинската комисија автоматски поведува стандардна постапка, но во дополнителниот извештај за „инцидентот“ не е посочено ништо за насилно однесување. Ова значи дека по стандардна постапка Роналдо за директно исклучување би добил два меча суспензија, но...
Весникот тврди дека снимката потврдува оти Јувентус ќе добие можност да биде сослушан пред дисциплинската комисија и дека секако ќе се жали на ваквата одлука, а според изворите на „Гардијан“ сето тоа треба да донесе намалување на суспензијата на само еден меч, што би значело дека Роналдо би го пропуштил само домашниот меч со Јанг Бојс во Торино за две недели. Нормално УЕФА ќе застане зад Брих, ама потоа ќе ја ублажи казната со жалбата на „старата дама“.
„Гардијан“ исто така тврди дека намалувањето на казната на еден меч за Роналдо има и посебно одбразложените, затоа што во УЕФА не сакаат спектаклот на „Олд Трафорд“ помеѓу Манчестер јунајтед и Јувентус да мине без најдобриот светски фудбалер и тоа за смешен црвен картон. Наводно во УЕФА никој не сака спектаклот на поранешниот клуб на Португалецот со актуелниот негов клуб да мине без првата ѕвезда, што „не би било добро ниту за сезоната, ниту за спонзорите“ на натпреварувањето.
Одлуката за казната за Роналдо е закажана за 27 септември по што ќе се знае дали изворите на „Гардијан“ се веродостојни, или УЕФА повторно ќе смисли нешто друго.