Англичанец ќе проба да направи чудо со Шведска на патот кон СП 2026!

Англискиот стратег, Греам Потер, е нов селектор на фудбалската репрезентација на Шведска, соопшти денеска Фудбалската асоцијација на оваа земја.

Тој ја доби довербата само неколку недели по разделбата со Вест Хем и ќе го замени Јон-Дал Томасон, кој беше отпуштен поради серијата слаби резултати. Шведската репрезентација се наоѓа во незавидна позиција во квалификациите за Светското првенство (СП) 2026, со само еден освоен бод во првите четири натпревари. „Трите круни“ моментално се последни во групата, зад Словенија, Косово и Швајцарија и покрај тоа што во нападот располагаат со ѕвезди вредни над 250 милиони евра – Виктор Ѓокереш и Александар Исак.

На своето прво обраќање како селектор, Потер изјави дека е почестен и мотивиран од шансата да го предводи тимот:

„Ова е огромна чест и инспирација за мене. Шведска има извонредни фудбалери кои настапуваат во најсилните лиги во светот. Мојата цел е да создадам средина во која тие ќе можат да го прикажат својот целосен потенцијал и да ја однесеме репрезентацијата на Светското првенство следното лето.“

Иако шансите за директен пласман на Мундијалот се мали, Швеѓаните не се без надеж. Благодарение на успехот во Лигата на нации, каде што беа првопласирани во својата група во Лига Б, тие веќе обезбедија место во баражот– резервна можност да стигнат до светскиот собир преку дополнителните полуфинални и финални средби.