
„Време е Салах да се пресели на клупата – катастрофален е!“
Тој по поразот на „црвените“ од Манчестер јунајтед (1-2) изјави дека единствениот играч кој во моментов заслужува сигурно место во почетниот состав е капитенот Вирџил ван Дајк.
„Ливерпул сега има две тешки гостувања – против Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампионите и Брентфорд во Премиерлигата. Не верувам дека Салах треба да биде стартер на тие натпревари, формата му е катастрофална“, изјави Карагер за „Скај“.
Египќанецот, кој има 33 години, не постигнал гол од игра на последните седум натпревари и промаши голема шанса против Јунајтед. Според аналитичарот, Салах треба да стартува само на „Енфилд“, каде Ливерпул ја контролира играта и создава повеќе шанси.
„На домашен терен има повеќе простор и можности, но на гостувањата треба да му помага на десниот бек, а во сегашната форма тоа му е проблем. Не треба да започнува секој натпревар, особено надвор од дома“, додаде Карагер.
Ливерпул е во серија од четири последователни порази, три од нив во Премиерлигата, што дополнително го зголемува притисокот врз менаџерот Арне Слот. Карагер смета дека стратегот треба да го гради тимот околу новите засилувања – Александар Исак и Флориан Вирц.
„Време е да се фокусира на Исак и Вирц. Клубот вложи околу 270 милиони фунти во нив, а тие се во идеална возраст да бидат иднината на Ливерпул“, заклучи Карагер.
ФОТО: EPA PHOTO