Албанија парализирана поради Еуро, пратениците од власта заминаа во Германија

Вторпат во својата историја, албанската репрезентација ќе учествува на Европско првенство, но се чини дека сега еуфоријата во земјата е далеку поголема отколку пред осум години кога дебитираше.

Селекцијата на нашиот западен сосед е во исклучително тешка група, со Италија, Хрватска и Шпанија и најавено е дека ќе има поддршка од околу 50 илјади навивачи во мечот од првото коло, против актуелниот европски првак. Како и секаде на Балканот, ништо не може да помине без скандали, а за тоа сега се погрижија пратениците од владејачката коалиција во албанскиот парламент.

Речиси сите заминаа во Дортмунд, каде се игра натпреварот против Италија, поради што седницата која требаше да се одржи денеска, беше презакажана за вчера, со цел пратениците да имаат доволно време да се подготват за патувањето. И тоа не е најголемиот проблем, туку пратениците ќе останат во Германија и за следните два меча, против Хрватска на 19 и Шпанија на 24 јуни. За целиот тој период нема да се одржуваат седници во парламентот поради што Албанија две недели ќе биде речиси парализирана на политички план.

Опозицијата жестоко ја нападна власта поради „кршењето на прописите“, но тешко дека тоа ќе смени нешто.