Адеми и Ристовски се надеваат на европска пролет: Динамо го пречекува Генк во Загреб

Хрватскиот шампион Динамо Загреб денеска од 18.45 часот во петтото коло од Лига Европа ќе го пречека белгиски Генк на „Максимир“ во Загреб и ќе се обиде со триумф да дојде чекор поблиску до европска пролет.

Динамо Загреб има шест бода на втората позиција во групата, па со триумф против Генк, а во случај Вест хем да одигра барем реми со Рапид Виена, тоа ќе значи дека македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски заедно со соиграчите ќе се најдат во нокаут-фазата.

Многу работи зависат од денешниот дуел за Динамо бидејќи во последното коло треба да гостуваат во Англија кај Вест хем, па доколку не триумфираа против Генк во Загреб, ќе си ја искомплицираат дополнително работата, но сепак избраниците на Дамир Крзнар се фаворити во оваа средба затоа што го добија првиот меч во Белгија со 3-0 против Генк.

„Секој натпревар е притисок, но тоа не е ништо ново. Динамо игра важен меч, па треба да бидеме фокусирани на натпреварот и да се обидеме да победиме. Ќе го дадеме максимумот на теренот. Секогаш ми е тешко да го гледам тимот кога не сум на терен, но тука сум да помогнам“, вели Адеми.