„Уживав во секоја секунда – прекрасно искуство“

Влатко Андоновски дебитираше утринава како селектор на актуелниот светски првак со победа против најголемиот ривал во женска конкуренција Шведска со 3-2, во пријателскиот меч во Колумбус, со што ја започна својата ера на кормилото на најтрофејната нација во женски фудбал во светот.

Андоновски пред неполн месец ја презема американската селекција и тргна победнички, откако двапати беше избран за најдобар тренер во САД во женски фудбал, а на селекторската клупа доаѓа откако речиси сите репрезентативки едногласно посочиле дека тој е идеалниот за наследник на Џил Елис, која летово ја донесе четвртата светска титула.

„Возбудливо, забавно – уживав! Уживав во секоја секунда. Уживав во секој тренинг, уживав во гледањето на видеа, на интеракцијата со фудбалерките, со стручниот штаб, со секој посебно од нив. Ова е е едно поинакво ниво“, рече Андоновски после дебито на клупата на светскиот шампион.

Македонскиот тренер, кој во 2000 година ја напушти Македонија и се пресели во САД, иако победнички тргна, експресно посочи што го изнервирало на мечот – двата примени гола. Американките имаа убедливи 3-0 за половина час и потоа – застанаа.

„Победа си е победа! Бев возбуден за тимот, за дебито, а и девојките беа возбудени за мене. Севкупно, прекрасно искуство. Драго ми е за победата, ама одма да бидеме на чисто – не сум среќен што примивме два гола. Дефинитивно после 3-0 не сакав да видам резултат 3-2. Сега единствената работа е како да ги поправиме тие два гола. Сите што ме знаат, знаат дека не сум среќен кога ќе примиме еден“, додаде Андоновски по дебито како селектор на САД.