Трајковски со петица асистираше за реми на Ал Фејха во 96-та минута (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски, во изминатиов месец игра во одлична форма, па денеска ја запиша втората асистенција во овој период во кој даде и два гола за реми на Ал Фејха дома со 1-1 против Ал Адалх.

Трајковски мајсторски асистираше во 96-та минута, буквално пред судијата да свирне крај на мечот, за Нвакаме да се најде во зицер ситуација да даде гол, што и го стори и на Ал Фејха ѝ обезбеди бод.

Македонскиот репрезентативец ги одигра последните половина час од мечот и има два гола и две асистенции во последните пет првенствени мечеви во елитата на Саудиска Арабија. Ал Фејха со ова шесто сезонско реми дојде до 24 бода и останува деветопласирана, седум бода над опасната зона.

Трајковски е еден од неколкумината македонски репрезентативци кои изминатиов период играат во одлична форма, што треба да го радува селекторот Благоја Милевски пред стартот на евроквалификациите против Малта во четврток во Скопје, иако има и поголем дел на избраници кои загрижувачки не играат или имаат премала минутажа.