Сè наскоро може да биде завршенo: Осимен пред трансфер од 70 милиони евра!

Саудискиот гигант, Ал Хилал дефинитивно е сериозен во намерата да го доведе напаѓачот, Виктор Осимен, а според најновите информации на италијанскиот инсајдер Фабрицио Романо се многу брзо може да биде завршено.

Наводно, клубот од Ријад понудил 65 милиони евра веднаш и дополнителни пет милиони евра преку бонуси, со што вкупниот износ на потенцијалниот трансфер достигнува 70 милиони. Сега останува на Наполи каде што Осимен се враќа по позајмицата од Галатасарај да одлучи дали ќе ја прифати понудата.

Она што дополнително го засилува впечатокот дека Ал Хилал е сериозно заинтересиран е фактот што веќе стапиле во контакт со самиот Осимен, започнувајќи преговори за неговите лични услови и платата, што е јасен сигнал дека Саудиците сакаат да го завршат трансферот што е можно побрзо.

Осимен зад себе има блескава сезона, во која постигна дури 37 голови и запиша 8 асистенции на 41 натпревар во сите натпреварувања. Иако во моментот се наоѓа на позајмица во турскиот Галатасарај, таа завршува на крајот од месецов.

Иако играше во одлична форма, не се очекува да остане во Неапол поради неговите нарушени односи со луѓето во клубот.