Револуција во фудбалот: Потврдени новите правила, ќе се користат на Мундијалот!

Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (ИФАБ) денеска потврди низа измени и правила кои ќе почнат да се користат веќе со почетокот на Светското првенство кое стартува за десет дена. 

Според шефот на судиите на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, овие историски мерки се насочени кон елиминирање на дискриминацијата, спречување на крадење време и забрзување на играта.

Една од најстрогите новини е воведување на директен црвен картон за играчите кои со рака или со дрес ќе ја покријат устата за време на вербални конфликти на теренот. Покрај тоа, автоматско исклучување ќе добие и секој фудбалер или член на стручниот штаб кој во знак на протест ќе одлучи да го напушти теренот.

Доколку цел тим поради незадоволство од судиските одлуки го прекине натпреварот и замине во соблекувална, мечот ќе биде регистриран како службен пораз за таа екипа.

Големи измени се воведуваат и во ВАР-протоколот, па судиите во видео собата отсега ќе можат да интервенираат при погрешно досудени корнери и двојни жолти картони.

Технологијата ќе се користи и за исправка на грешки кога санкциониран е друг фудбалер, а не виновникот за прекршокот, како и за санкционирање фаули направени пред изведување прекин.

ФИФА одлучи да стави крај и на импровизираните тактички состаноци, па на играчите ќе им биде строго забрането да одат до клупата и тренерот додека играта е прекината поради укажување на помош на теренот.

Со цел побрз проток на играта се воведува одбројување од пет секунди за изведување аут и гол аут. Доцнење при изведување аут ќе значи предавање на топката на противникот, додека непочитување на рокот кај гол аут ќе се казнува со корнер за противничкиот тим.

Фудбалерите кои се менуваат ќе имаат рок од десет секунди да го напуштат теренот на најблиската точка, во спротивно нивната замена ќе мора да чека цела минута за влез во игра.

Исто така, секој играч на кој ќе му биде укажана лекарска помош на теренот ќе мора да помине една минута надвор од игра пред да добие дозвола за враќање. Од ова правило ќе бидат изземени само потешки повреди на глава, судири со голман и ситуации во кои повредениот играч треба да изведе пенал.

На крајот, со цел заштита на здравјето на фудбалерите, на сите мундијалски натпревари се воведуваат задолжителни триминутни паузи за освежување на средината од секое полувреме.

Мундијалот ќе потсетиме, почнува на 11 јуни и ќе се игра до 19 јули за кога е закажано финалето.

Фото: FIFA