Португалците го истурија бесот на Ерменија, двајца постигнаа хет-трик! (ВИДЕО)

Португалија денеска на свој терен го истури бесот по поразот во претходното коло против Ирска го торпедираше аутсајдерот во оваа група, Ерменија со 9-1.

Дебаклот на Ерменците го најави Веига кој го отвори резултатот уште во осмата минута. Спертсјан во 18. минута израмни на 1-1, но тоа беше се од гостите во овој натпревар.

До крајот на полувреме Жоао Невеш постигна два гола, а по еден постигнаа Рамош и Фернандеш од пенал за 5-1 уште на паузата.

Само што започна вториот дел Бруно Фернандеш и вторпат се запиша во листата на стрелци. Се играше 72. минута кога фудбалерот на Манчестер јунајтед реализираше нов пенал и комплетираше хет-трик.

Невеш исто така дојде до три гола на оваа средба кога на десетина минути пред крајот погоди за 8-1. Конечните 9-1 беа поставени во самиот финиш кога во листата на стрелци се запиша и Консеисао. Португалија создаде уште неколку одлични прилики, па многу лесно можеа да дојдат и до двоцифрен број на голови.

Ќе потсетиме, Кристијано Роналдо не беше на теренот бидејќи одработуваше суспензија за црвеениот картон против Ирска. Со овој триумф Португалија го израмни и рекордот за најмногу постигнати голови на еден натпревар, претходно постигнаа девет гола и против Луксембург (9-0).

Фото: EPA