
Неверојатен интерес: Дури 17 милиони апликации за билети за Светско во Катар!
Катар во 2010 година ја доби организацијата на СП, по што излезе аферата „Катар Гејт“ за купувањето на домаќинството, а во последниве години оваа земја беше на удар поради експлоатација на работна сила, непочитување на човековите права и илјадниците смртни случаи кај мигрантите-работници кои ја градеа комплетната инфраструктура потребна за организација на СП.
Но, и покрај сѐ, на крајот дури 17 милиони апликации дојдоа за влезници, што не е ни изненадување зашто скоро два милиони имаше во првите 48 часа откако беше отворено аплицирањето. Сега ФИФА со „лотарија“ до 8 март ќе ги извести среќните добитници, кои ќе добијат право да ги купат влезниците.
Најмногу апликации има за финалето, дури 1,8 милиони за севкупно 80.000 капацитет на стадионот „Лусаил“, но не се сите влезници на продажба, туку само одреден процент, што значи дека попрво ќе добиете на лото, одошто да ја имате среќата да ви падне шанса да купите билет за мундијалското финале.
Најлногу апликации има од жителите на Катар, а потоа од Аргентина, САД, Бразил, Англија, Франција, Индија, Мексико, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати...