Нема спиење: Почнува историскиот Мундијал – последниот танц на Меси и Роналдо!
Во следните нешто повеќе од еден месец, милијарди луѓе ќе живеат со фудбалот, без разлика дали го следат секој викенд или интересот им се буди само кога започнува борбата за највредниот трофеј. Мундијалот ќе остане запаметен како историски од повеќе причини. За првпат домаќини се три држави – Мексико, Канада и САД, а за првпат на турнирот ќе настапат дури 48 репрезентации, што го прави најголемото СП досега.
Првиот натпревар е закажан за вечерва во Мексико Сити, каде што силите ќе ги одмерат Мексико и Јужно Африка, додека финалето ќе се одигра на 19 јули на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, во близина на Њујорк. Новиот систем на натпреварување предвидува 48 селекции поделени во 12 групи со по четири репрезентации. Првите две од секоја група директно обезбедуваат место во нокаут-фазата, а ним ќе им се придружат и осумте најдобри третопласирани селекции.

Тоа значи повеќе натпревари, повеќе дербија и значително поголеми шанси за изненадувања уште од самиот почеток на турнирот. Во групната фаза нема продолженија и пенали, додека во елиминацискиот дел, доколку нема победник по 90 минути, ќе се играат продолженија, а потоа и пенал-рулет.
Според најавите, најголеми фаворити за освојување на титулата се Франција и Шпанија. Французите повторно се потпираат на една од најсилните генерации во светот, предводена од Килијан Мбапе, кој веќе има освоено светска титула и уште едно финале зад себе. Шпанците, пак, веруваат дека новата генерација предводена од 18-годишниот Ламин Јамал може да ја продолжи доминацијата и да стигне до нов голем трофеј. Во кругот на кандидатите за титулата се и Англија, која повторно располага со исклучително квалитетен состав, како и Бразил, најуспешната репрезентација во историјата со пет светски титули, која веќе повеќе од две децении го чека враќањето на светскиот трон.
Ова СП би можело да биде и последната голема сцена за двајцата најголеми фудбалери на модерната ера – Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Аргентинецот, кој наскоро ќе наполни 39 години, ќе се обиде уште еднаш да ја предводи својата репрезентација до највисок дострел, додека 41-годишниот Португалец ќе се обиде да ја круниса богатата кариера со уште еден голем успех. Покрај нив, големо внимание ќе привлечат и Нејмар, Винисиус Жуниор, Џуд Белингем, Кристијан Пулишиќ, Алфонсо Дејвис, Сон Хјунг-Мин, Антоан Семенјо и Ерлинг Халанд.
Проширениот формат донесе можност за настап на репрезентации кои никогаш претходно не играле на Мундијал. Курасао, со само 156.000 жители, ќе стане најмалата држава што некогаш се пласирала на Мундијал, надминувајќи го рекордот на Исланд. Првпат ќе настапат и Зеленортските Острови, Јордан и Узбекистан, што дополнително ќе ја збогати разновидноста на турнирот.

Како и во минатото, Светското првенство нема да биде само спортски настан. Натпреварот меѓу Франција и Сенегал ќе носи силна историска симболика поради колонијалното минато на двете земји, додека дуелот меѓу Гана и Англија повторно ќе ги потсети навивачите на нивната заедничка историја. Посебно внимание ќе привлече и натпреварот меѓу Иран и Египет, кој во Сиетл е означен како натпревар за славење на геј-популацијата (Прајд), што веќе предизвика реакции од двете федерации. Дополнителни проблеми има и иранската репрезентација, која поради ограничувањата за влез во САД беше принудена својата база да ја пресели во мексиканска Тихуана и ќе патува за секој натпревар во групната фаза.
Регионот ќе навива за Хрватска и БиХ. Хрватите по среброто во Русија и бронзата во Катар, повторно пристигнуваат со високи очекувања. Избраниците на Златко Далиќ, предводени од Лука Модриќ, се наоѓаат во група заедно со Англија, Панама и Гана. Првиот предизвик ќе биде Англија на 17 јуни, потоа следува дуел со Панама, а групната фаза ќе биде затворена со мечот против Гана. Во зависност од пласманот, Хрватите би можеле уште во првата елиминациска рунда да се сретнат со Португалија или некоја од селекциите од групата К.
Големо внимание на Балканот ќе привлече и настапот на БиХ, која повторно е дел од Светското првенство по 12 години пауза. Пласманот беше изборен по драматична пенал-серија против Италија во Зеница, а во групната фаза БиХ ќе игра против домаќинот Канада, Катар и Швајцарија.