Мурињо почна со провокациите за Барса: Уште тогаш почувствував дека нешто не е во ред

Жозе Мурињо вчера и официјално беше претставен пред навивачите на Реал Мадрид, а португалскиот стратег веднаш привлече внимание со изјавите во интервјуто за „Ел Чирингито“.

Мурињо потпиша договор кој ќе важи до 2029 година, а во разговорот отвори повеќе теми. Една од нив беше и контроверзниот случај Негреира, кој со години ја следи Барселона.

Станува збор за исплати од околу 8,4 милиони евра кои Барселона во периодот од 2001 до 2018 година му ги исплатила на Хозе Марија Енрикез Негреира, поранешен потпретседател на Техничкиот судиски комитет. Случајот и понатаму е предмет на судска истрага.

Негреира претходно потврди дека добивал пари од Барселона, но тврдеше дека тие пари му биле исплаќани за одредени анализи и дека не било барано од него да влијае на резултатите.

Токму на прашањето за овој случај, Мурињо даде интересен одговор и се потсети на својот прв мандат на клупата на Реал Мадрид.

„Кога бев тука во првиот мандат, веќе чувствував дека нешто не е во ред“, изјави Мурињо.

Португалецот на „Сантијаго Бернабеу“ првпат работеше од 2010 до 2013 година, период кој се преклопува со годините опфатени во случајот Негреира.