
Меси не знае за доста: Хет-трик на крај и Златна копачка на МЛС (ВИДЕО)
Во последното коло од основниот дел, аргентинскиот ас постигна хет-трик во победата на Интер Мајами на гости против Нешвил со 5-2 која се покажа недоволна за второто место на табелата во Источната конференција. Сепак, со трите гола, Меси стигна до бројката од 29 оваа сезона и ја освои Златната копачка на МЛС. На нив додаде уште 19 асистенции што значи дека учествувал во 48 од вкупно 81 гол на Интер Мајами оваа сезона. Тимот од Флорида е убедливо најефикасен тим во лигата по основниот дел, но исто така има една од најлошите одбрани што е и причината за освоеното трето место.
Меси ја отвори гол-серијата во 35. минута со гол во нему својствен стил. До полувремето Нешвил постигна два гола и го сврте резултатот во своја корист, но во второто полувреме продолжи рапсодијата на Аргентинецот. Во 63. минута израмни на 2-2 со својот прв гол од пенал оваа сезона, Родригез во 67. минута го донесе Интер Мајами во предност, а Меси со гол и асистенција придонесе за поставување на конечниот резултат. Тоа беше негов 60. хет-трик во кариерата, сметајќи ги настапите за своите клубови и аргентинската репрезентација.
Интересно е тоа што и во првото коло од плејофот Интер Мајами ќе игра против Нешвил, а натпреварите се на програмата на 24 и 31 октомври.